Ровињ е хрватски град, сместен на западното крајбрежје на полуострвот Истра и еден е од најјаките туристички центри на Јадранското Море. Првпат се спомнува во делото Космографија од 7 век, но животот на ова подрачје датира уште од праисторијата. Најпознатите жители биле племето Хистри, според кои и самиот полуостров добил име. Архитектурата се одликува со збиени куќи и мали улици, што на градот му дава романтичен и древен тон.
Најзначајните споменици и симболи на градот се, секако, црквата на света Еуфемија, доработувана повеќе векови. Така нејзината камбанарија датира од 17. век, а била градена според онаа на плоштадот на Свети Марко во Венеција. Споменикот на самата светица, поставен е на врвот во 1758. година. Овој барокен храм, е еден од заштитните симболи на градскиот пејзаж.
Освен тоа, градот нуди многу културни институции, како што се Музејот на градот Ровињ, театрот Гандусио, Музејот на фамилијата Хитерот, Центрот за истражување на морето Руѓер Бошковиќ и многу други.
Освен како место полно со историски значајни убавини, Ровињ е, пред се’, туристички град, кој нуди убави плажи, хотели, барови, т.е. бројни локации за забава, одмор и уживање во летните месеци. Можете да се сместите во хотел, камп, туристички населби или приватни куќи. Престојот во градот нуди и бројни екскурзии до блиските привлечни дестинации, како што е националниот остров Бријуни, некогашната резиденција на Јосип Броз Тито, каде што, освен антички вили, византиски тврдини и средновековни цркви, можете да уживате и во сафари. На 23 километри од Ровињ се наоѓаат и руините на средновековниот град Двиград, напуштен во 17. век, меѓу кои се истакнуваат остатоците на црквата на Света Софија. Без оглед дали повеќе сакате да уживате во плажите и морето или сте активен културен турист со остар интерес за историското, овој град сигурно нема да ве разочара.