Во последно време најпопуларни методи за депилација се египетската и депилација со шеќер. Но, постојат и многу други методи за оваа намена. Една од нив е и депилација со брашно. Особено се препорачува за вадење на ситни влакна на телото и влакна на лицето. Оваа смеса се добива од комбинација на куркума, млеко и брашно, од кои се прави паста со која се отстрануваат влакната. Но, овој метод не вреди за посилни влакна. Поради тоа, најчесто се користи само за отстранување на малите влакна на лицето. Со куркума, освен што можат да се отстранат, со честа употреба може да се забави нивниот раст. Покрај тоа, оваа смеса ја омекнува и осветлува кожата.
Подготовка:
Измешајте една шолја брашно, пола лажица куркума и неколку капки млеко додека не добиете густа смеса. Нанесете ја на лицето, односно влакната во насока на нивниот раст и оставете да се исуши од 20 до 25 минути. Потоа, со влажен пешкир отстранете ги влакната спротивно од насоката на растот. Остатоците од смесата отстранете ги со топла вода. На крај, ставете хидратантна крема на лицето. Во текот на овој тип на депилација постои можност од блага иритација, која не трае долго. Доколку овој процес се повторува редовно, можат значително да се намалат влакната.
Влакната од лицето можат да се отстранат и со мешавина на сок од лимон, брашно и вода. Потребно е 10 мл свеж сок од лимон, 1 чаша вода и 30 г брашно. Сите состојки се мешаат додека не се изгубат сите грутки, потоа се нанесува на лицето. Се остава да стои 15 минути, потоа се отстранува со пешкир во насоката на растот на влакната.
Посилна депилациска смеса за цело тело се добива со мешавина од белки од јајца, пченкарно брашно и шеќер. Потребно е да се измати 1 белка од јајце со 1 лажица шеќер. Потоа се додава пола лажица пченкарно брашно и се меша додека не се добие густа смеса. Се нанесува на сува кожа, во насока на растот на влакната и се остава да се исуши. Потоа се вади спротивно од насоката на растот на влакната.