Концептот на терапија со уметноста или арт терапија, се однесува на третман преку уметничко изразување. Припаѓа на групата на креативни, заедно со музичката, драма терапија, како и танц, односно терапија со движење. Британскиот пристап е најразвиен и највлијателен во Европа, така што многу земји ги превзеле моделите токму од британската студија. Можат да бидат подложни сите, без оглед на талентот или уметничката способност. Со оваа терапија најчесто работат професионалци, кои на луѓето им помагаат подобро да комуницираат преку сопствената креативност. Понекогаш се користи како препорака за рехабилитација или психотерапија, а помага и со подобра интроспекција и полесно разбирање на себеси.
Почетоците датираат од 40-тите години на минатиот век во САД и Велика Британија. Арт терапијата се спроведува во индивидуален или групен контекст со ранливи популации, како што се деца, душевно болни, луѓе со пречки во развојот, депресивни луѓе и сл.
Во повеќето случаи, оваа терапија можат да ја користат сите. Разликата помеѓу уметноста и другите облици на комуникација е во тоа што уметноста не бара зборови за изразување, што им помага на луѓето кои не се во можност да ги искажат своите емоции. Убавината на овој вид терапија е во тоа што човекот може да се изрази во било која форма на уметност, како што се сликарство, цртање, фотографија, вајање или некоја друга форма на визуелна експресивна уметност.
Се’ што ви е потребно е да не се плашите да се изразите преку уметноста. Не ви е потребен талент. Можеби на почеток сé ќе ви изгледа чудно, затоа што повеќето луѓе не се навикнати да се изразуваат на овој начин, но овој креативен процес може да биде големо откритие. Како што ќе минува времето, ќе се чувствувате поудобно. Целта не е да се создаде ремек-дело, туку да си помогнете на самите себе.
Терапевтите кои се занимаваат со овој вид на терапија се обично дипломирани психолози, обучени да ги охрабруваат луѓето да ги користат невербалните симболи и метафори, кои најчесто се користат во уметноста. Во текот на овој процес, луѓето ја откриваат ефикасноста на терапијата и учат да ги изразуваат своите емоции без зборови.