Вие сте овде: Почетна » Здравје » Болести » Морбили
Морбили

Морбили

Малите сипаници (Морбили) припаѓаат на родот вируси paramyxoviridae, и се една од најбрзите преносливи заразни болести. Спаѓа во заразно заболување во групата на осипни грозници и се јавува во сите делови на земјината топка, кај различна популација, но генерално повеќе ги опфаќа децата. Бебињата во првите 6 месеци имаат имунитет од мајката. Првиот опис на морбили потекнува од персискиот научник и лекар Абу Бакр Мухамед ибн Закарија Рази, додека Коплик во 1896 на букалната слузокожа ги открил белите дамки карактеристични кај заразените од морбили. По него се нарачени “копликови дамки“. По откритието на изворот на морбили, вакцинацијата е започната во 1958 година. Пред да започне имунизацијата, морбилите биле распространети со 2, 6 милиони смртни случаи, особено во Африка. Типични подрачја за заболување со морбили се: голема густина на населенето, неимунизација, недостаток на витамин А, а ризични групи се: невакцинирана деца, бегалци, деца на лечење во болница, доенчиња чии мајки се ХИВ +, вродена имунодефициенција итн.

Морбили се акутно вирусно заболување кое се манифестира со макулопапулозен осип на кожата. По прележувањето се создава траен имунитет. Извор на зараза е инфицирано лице кое е носител на вирусот, а се шири по воздушен пат, преку кивање, кашлање или секрет. Заразата добива и епидемиски размери, но со воведување на вакцината, се редуцира. Болеста се лечи со симптоматска терапија (бидејќи за неа не постои лек), а поголемиот дел од заболените се опоравуваат за 2-3 недели. Клиничката слика на болеста се манифестира со малаксалост, треска, температура и појава на осип кој постепено се шири по кожата – од лицето и вратот, кон трупот и нозете. Инкубацијата трае 10-11 дена, без никакви симптоми, а болниот е заразен во последната третина. Болните од морбили се сметаат за заразни 4 дена пред и по појавата на осипот. Патолошките промени се одвиваат на кожата, крајниците, слузокожата на ждрелото и дишните патишта. Најпрвин вирусот ги напаѓа епителните ќелии на трахеите, потоа во лимфното ткиво на букална и слузокожата на ждрелото, па потоа се јавува кожниот осип.

Болеста минува низ 3 стадиуми, а во некои случаи може да создаде компликации како – воспаление на мозок или бели дробови, и во краен случај смрт. Компликациите најчесто се јавуваат кај возрасните или неухранетите деца со недoстаток на витамини во исхраната, невакцинирани луѓе или кај луѓе со слаб имунитет. Други најчести компликации се воспаление на средно уво, слепило, хепатит, миокардитис итн.

Катарален стадиум – кој трае 3-4 дена во периодот од појавата на првите симптоми, до избивање на карактеристичниот осип на кожата. Симптомите тешко се разликуваат од оние на обична настинка: температура, малаксаност, замор, немање апетит, пролив, повраќање. Потоа се јавуваат Копликовите дамки, обично 36 часа пред појава на првиот осип и се одржуваат 11-24 часа.

Осипен стадиум – трае 5-6 дена, и најпрво се јавува на кожата на главата, зад ушите, лицето, вратот. Се з абележуваат макули и папули, а кожата на допир е мека, влажна и топла. Копликовите дамки исчезнуваат обично пред појавата на осипот. Осипот се повлекува по истиот редослед по кој избил на кожата. На крајот на овој стадиум се повлекуваат симптомите и паѓа температурата

Стадиум на лупење и реконвалесценција – трае 4-5 дена, и се карактеризира со подобрување на општата состојба на пациентот. На местото на осипот се јавува хиперпигментација (8-10 дена) и лупење на кожата. Понатамошниот тек на болеста зависи од можните компликации.

Дијагнозата на морбили се поставува врз база на анамнеза, клиничка слика. За да не дојде до мешање со други заразни болести се прави серолошка дијагностика. Бидејќи не постои лек за морбили, болниот во акутниот стадиум треба да се изолира, и да примени хигиенско-диететски режим. Температурата се сузбива со антипиретици.

В.С.

Коментирај

Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.Задолжителните полиња се означени *

*

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Оди горе