Шуга е површинско заболување на кожата кое го предизвикуваат грини (паразити) Sarcoptes scabiei. Паразитот се наоѓа во оние области каде што има малку лојни жлезди, бидејќи секреција негативно влијае на животот и растот на паразитот. Најчест извор на инфекција е лицето кон крајот на инкубација, кое сеуште ги нема изразено знаците на болеста или лицето кај кое веќе јасно се изразени знаците. Се пренесува од човек на човек со подолг близок контакт (најчесто преку облека, постелнина, сексуален однос и сл.). Редовно одржување на личната хигиена нема да го спречи добивањето на оваа болест ако постоел контакт со заразеното лице.
Симптомите се ситни црвени точки, воглавно на рацете, зглобовите, лактите, пазувите или помеѓу прстите , но понекогаш можат да се прошират на поголем дел од телото. Најчесто ги нема на главата и на вратот (освен кај малите деца), а се влошува пред спиење навечер. Типично е да се појави кај повеќе членови на едно семејство истовремено. Се карактеризира со силен јадеж кој обично почнува еден месец по заразувањето. Можат да бидат заразени луѓе на било која возраст, но најчесто се јавува кај децата. Можат да ја имаат и бремени жени, но тоа не влијае на исходот на бременоста ниту на нероденото бебе, кое е безбедно.
Ако не се лекува може да бидете болни со месеци и години, но со вистинска терапија се лекува брзо и целосно. Битно е да се знае дека и по отстранување на паразитот, чешањето може да трае до неколку недели по завршување на третманот. Третманот се фокусира на отстранување на паразитот и спречување на повторна инфекција. Постојат неколку препарати за лекување на кожни паразити. Овие препарати се применуваат на целото тело, а не само на деловите кои чешаат. Не се препорачува да се туширате пред третманот. Применетиот слој треба да стои на кожата барем 12 сати пред да го измиете. Доволно е вообичаено перење на облеката и постелнината што се ги користеле, бидејќи паразитите не се отпорни и најчесто умираат за кратко време откако ќе се одвојат од кожата. Ако ги следите сите инструкции успешно ќе се решите од шугата. Имајте на ум дека овој третман треба да го поминат сите луѓе со кои сте биле во близок контакт, без исклучок, и нивниот третман треба да започне истовремено со вашиот. Шугата многу често, за жал, може да се добие повторно, а тоа често и се случува. Ако се појават повторно црвенилото и чешањето разговарајте со вашиот лекар.