Се смета дека околу 10% од луѓето во развиените земји страдаат од констипација, опстипација или запек. Дел од овие проблеми можат да се објаснат со модерниот начин на живот, неправилната исхрана, консумирање алкохол или пушење, а на варењето на храната во организмот влијаат стресот и успехот и неуспехот.
Констипацијата се дефинира како отежнато или нередовно празнење на цревата, проследено со болка во стомакот и чувство на подуеност. Варењето на храната е индивидуално. Кај здравите луѓе нормалниот ритам на празнење на цревата варира од секојдневно до празнење на секој трет ден. Поточно, секојдневното празнење на цревата е вообичаено само кај 50% од популацијата. Сепак, доколку немате столица најмалку секој трет ден, содржината на цревата може да се стврдне и нивното празнење станува сé потешко, дури и болно. Освен овие тегоби, може да се појави крв или слуз во столицата. Секогаш е добро за овој проблем да се консултирате со доктор, затоа што во некои случаи тоа може да биде резултат на други заболувања на цревата. Запекот може да биде акутен и хроничен (три месеци, изостанува повеќе од 4 дена во неделата). Долгогодишниот запек може да предизвика хемороиди, поради напрегнувањето, или анални фисури (болни пукнатини на анусот), кои се резултат на тврдата столица, која го растегнува аналниот сфинктер. Главната причина за овие маки се лоцира уште на трпезата – храната која е сиромашна со растителни влакна, а богата со маснотии од животинско потекло и рафинирани шеќери.
Освен храната, причини за појава на запек се:
- одложување на потребата за празнење на цревата, односно доколку се има навика да се користи само домашниот тоалет, телото одговара со прекинување на рефлексот на празнење на цревата
- употреба на лаксативи – создаваат навика, па дозите мора да се зголемуваат, а цревата стануваат понечувствителни
- при патување кога излегувате од домашната средина, промена на активностите, исхраната, дури и промена на водата за пиење може да предизвикаат запек
- хормонални нарушувања (хипотироидизам)
- хормонални промени за време на бременост, но и притисокот кој го врши плодот на цревата може да биде причина
- специфични заболувања – лупус, мултиплекс склероза, Паркинсонова болест
- дехидратација, иритабилен колон, тумор
- механички притисоци – лузни, воспаленија околу дивертикули, оштетувања на ‘рбетниот столб, тумори на ‘рбет
- аналгетици, антихистаминици, диуретици, антациди со алуминиум, антидепресиви, лекови против грчеви, препарати кои содржат железо.
Доколку се појават знаци на запек, прв чекор секако треба да биде промена во исхраната. Помалку маснотии од животинско потекло (месо, млечни производи, јајца), помалку рафинирани шеќери (десерти, слатки), а повеќе храна богата со растителни влакна. Се препорачува повеќе овошје и зеленчук, суви сливи, урми, цедени сокови, интегрално брашно, супи, ленено семе, овесни снегулки… Дневно да се пијат по 2 литри вода, а освен овие промени, се препорачува редовна физичка активност, бидејќи истата ги стимулира цревата. Но, доколку и понатаму цревата ги празните помалку од три пати неделно, и ако истото е проследено со болка и крв или слуз во столицата, треба да се консултирате со доктор.