Боранија (Phaseolus vulgaris) претставува често потценет, но сепак многу здрав и хранлив зеленчук, кој во облик на сочни мешунки во полузрела состојба се користи во исхраната. Потекнува од Мексико од каде во 16-от век е донесена во Европа. Благодарение на нејзините биолошки и лековити својства, зазема значајно место на нашата трпеза. Постојат повеќе сорти на боранија меѓу кои најпознати се тибер, лоди, шумадинка, кинеска и италијанска боранија. По боја може да биде зелена, бледо-жолта, жолта или шарена, по должина долга, средна или кратка, а по облик шилеста, округла или широка. Достапна е од пролет до есен.
Има висока биолошка, а ниска енергетска вредност (42cal/100gr), заради што по составот повеќе е слична на останатиот зеленчук, отколку на мешунките каде што и припаѓа. Се препорачува да се готви бидејќи свежа има штетни состојки. Идеална диетална храна за деца и трудници, но и како лек во превенција и лекување на многу болести.
Заради својот специфичен состав претставува совршена намирница за регулирање на нивото на шеќер и холестерол во крвта. Има доста низок гликемиски индекс, содржи неесенцијална аминокиселина аргинин чие дејство е слично на инсулинот (помага намалување на гликоза во крвта), па одлична е за оние кои страдаат од дијабетес. Изобилува со витамини Ц, Е, провитамин А, а во најголема мера содржи витамин К кој превенира појава на дијабетес, регулира згрутчување на крвта и спречува појава на тромбови. Од друга страна, благодарение на високиот процент на калиум, боранијата делува како благ диуретик, го регулира крвниот притисок, ја подобрува работата на срцето и го потпомага излачувањето на штетните материи од организмот. Го намалува и нивото на мочната киселина, па затоа се препорачува за оние кои боледуваат од гихт. Освен калиум, богата е со калциум, фосфор, магнезиум, железо, цинк, манган и кобалт. Магнезиумот и омега-3 масните киселини го заштитуваат организмот од појава на канцер и го подобруваат помнењето. Содржи и една драгоцена супстанца, инозитол, која го зајакнува срцето и воспоставува рамнотежа на леукоцитите во крвта. Покрај тоа што е добра за дијабетес, висок притисок, покачен холестерол, оваа мешунка претставува одличен лек против остеопороза и артритис, а посебно е препорачливо да се конзумира при состојби на опаднат имунитет, настинка, грип, стрес, хроничен замор, инфекции и бубрежни болести. Бидејќи е богата со растителни влакна, овозможува нормална функција на дебелото црево.
Претпазливо – свежите зрна се отровни (протеин фазин), може да предизвикаат воспаление на гастроинтестиналниот тракт или ентеритис пропратен со крварење, а оние кои имаат проблеми со цревата потешко ја поднесуваат бидејќи предизвикува гасови и подуеност.