Компир (Solanum tuberosum), скромна намирница која припаѓа на фамилијата Solanaceae и има важна улога во развојот на човештвото. Се нарекува подземен резервоар на енергија, бидејќи изобилува со скроб и обезбедува доволно енергија и нутритивни компоненти за организмот, особено за време на глад и сиромаштија. Многупати во текот на историјата го спасувал човештвото од глад за време на војни и го подобрувал животот на многу сиромашни луѓе. Ова растение први почнале да го одгледуваат Индијанците во Перу пред повеќе од 4000 години, а во Европа е донесен кон крајот на 16-от век. Името потекнува од баварскиот збор Gruntbir што во превод значи „круша од земја“. Постојат различни видови: млад, црвен, жолт, бел и подоцнежен (со повеќе скроб, погоден за пире и подготвување на тесто).
Овој зеленчук претставува една од најхранливите билки во светот, а еве зошто е добро почесто да биде на вашата трпеза:
– има значително помалку калории од тестенините (85kcal/100gr) и изобилува со сложени здрави јаглехидрати, кои му обезбедуваат на телото „прогресивна енергија“. Затоа им се препорачува на спортистите три часа пред тренинг да јадат компир со цел да се избегне хипогликемија и да се подигне нивото на шеќер во крвта, токму при зголемен физички напор.
– содржи растителни влакна (целулоза) кои ја подобруваат работата на цревата и апсорпцијата на хранливи материи, а ја намалува апсорпцијата на масти. Го заштитуваат дебелото црево од појава на полипи и канцер, и овозможуваат намалување на лошиот холестерол во крвта. Овозможуваат чувство на ситост и така го потпомагаат губењето на телесната тежина.
– содржи повеќе калиум отколку бананите, важен за правилна контракција на мускулите и работа на срцето, а овозможува и намалување на крвниот притисок.
– содржи железо и магнезиум – заради недостаток на овие минерали се јавува чувство на замор.
– богат извор на витамин Ц и Б комплекс витамини кои овозможуваат организмот да ја искористи енергијата од сложените јаглехидрати, а истовремено го зајакнуваат имуниот систем. Од Б комплекс витамините најмногу содржи Б6, неопходен за регенерација на клетките, нормална функција на нервниот систем и добро расположение.
– не содржи маснотии и холестерол.
– подобро е да се готви со лушпа (варен), бидејќи така гликемискиот индекс е помал и се зачувуваат нутритивните вредности.
Многумина мислат дека компирот е многу нездрав и бескорисен зеленчук, но само што го потврдивме спротивното. Освен како храна може да се користи и како лек. Делува диуретично, спречува појава на скорбут, ублажува болки при чир на желудник и дванаесетпалачно црево (1 лажица сок од компир, три пати дневно, пред оброк), како облоги (варен компир) се користи против реума, гихт, артритис и исеченици, сокот од компир лечи акни, егзема и флеки на лицето, а свеж компир се користи против температура, изгореници и главоболка.