Јодот претставува есенцијален минерал кој се јавува во трагови во човековиот организам, примарно одговорен за правилен развој и работа на штитната (тироидна) жлезда, а ние го внесуваме преку храната. Потребен е за создавање на тироидните хормони тријодтиронин и тетрајодтиронин кои пак се неопходни за нормален физички и ментален развој, полово созревање, развој на коските и мускулите, го забрзуваат целокупниот метаболизам, стимулираат синтеза на белковини, согорување на вишокот масти, одржуваат постојана телесна температура, зголемуваат апсорпција на хранливи материи во цревата. Неопходни се за преживување и адаптација на стрес.
Недостаток од овој елемент предизвикува хипотироидизам – намалено ниво на тироидни хормони. Попратни симптоми на оваа состојба се замор, зголемување на телесната тежина, сува кожа, осетливост на промени во надворешната температура (чувство на студ). Кај новороденчиња и деца, може да доведе до застој во физичкиот и менталниот развој. Класичен знак за недостаток на јод е зголемена тироидна жлезда попознато меѓу народот како гушавост. За да се спречи сето ова, воведена е законска регулатива за задолжително јодирање на готварската сол и од тогаш овој проблем е ставен под контрола.
Намирници богати со јод се лук, сусам, спанаќ, соја, аспарагус, печурки, како и школки, морски алги и други морски организми кои апсорбираат големи количества јод од морињата. Но сепак, најзначаен извор на јод е готварската јодирана сол. Дневните потреби за јод се околу 150 µg за возрасни, а за време на бременост и лактација се малку зголемени (до 200µg).
Употреба:
- Во превенција на хипотироидизам
- Искашлување – помага полесно да се исфрли секретот од грлото и дишните патишта, а се применува во облик на сируп за кашлање.
- Фиброцистични промени на дојки
- Вагинитис – повидон јод во облик на вагиналети се користи за регулирање на воспалителни процеси во вагината, чешање и лачење поголемо количество вагинален секрет.
- Дезинфекција на рани – во облик на раствор. Во облик на маст, повидон јод се користи кај изгореници на кожа за да се намали ризикот од развој на инфекции.
- Радиоактивен јод – корисна метода за лекување на карцином на тироидеа, метастази на лимфни јазли во вратот.
Нагло земање на поголеми количества јод може да доведе до зголемено производството на тироидни хормони и појава на хипертироидизам (тиреотоксикоза). Не се препорачува истовремена употреба со лекови за регулирање на крвен притисок и некои диуретици, бидејќи најчесто се применува во облик на калиум јодид, па може потенцијално да доведе до хиперкалемија.